Работењето во пекарството е семејна традиција на семејството Павличковски, која се негува и пренесува од колено на колено. Компанијата го носи името “Диме” како спомен и благодарност на врвниот мајстор пекар, таткото Димитар Павличковски, кој бил еден од основачите на првата македонска фурна “Клас” од Скопје, зачеток на денешен “Жито Лукс”, во која го поминал најголемиот дел од својот работен век. Со напуштање на работата Димитар, заедно со синот Илија и потесното семејство одлучуваат да започнат сопствен семеен бизнис.
ДПП Диме е основана 1986 година и првите чекори во мелничко-пекарската индустрија ги започна со отварање на маалска фурна во населбата Шуто Оризари.
Во 1986 година продолжува со работа во с. Бразда, каде покрај продажбата на леб во самата фурна, почнува со дистрибуција на леб во приватни продавници.
Во 1987 год. се гради пекарата во населба Бутел, каде е инсталирана современа опрема.